Веќе четврти ден трае потрагата и спасувачката акција за пронаоѓање на десет исчезнати патници по пожарот што во петокот наутро избувна на траектот „Euroferry Olympia“, додека од Грција пловеше кон Италија. Информациите се дека меѓу исчезнатите се седум бугарски државјани, двајца Грци и еден Турчин, веројатно сите шофери на камиони.
Траектот сè уште не е извлечен на пристаниште, со оглед на тоа дека и понатаму чади.
Во текот на вчерашниот ден беше спасено едно лице и извлечено безживотното тело на еден патник.
По над 50 часа поминати во гаражата на траектот, вчера наутро 21-годишен возач на камион, сам успеа од гаражата да стигне до палубата, од каде што беше преземен од спасувачките екипи, а потоа и превентивно пренесен е во болница.
А во попладневните часови, припадници на противпожарната служба на Грција извлекоа безживотно тело на маж што воедно е и првата жртва од пожарот
Пожарот изби во петокот, по четири часот наутро, од се уште непознати причини, додека италијанскиот траект „Euroferry Olympia“ пловел во морскиот дел североисточно од островот Ерикуса, а тргнал од Игуменица за Бриндизи.
Според официјалниот список, имало 239 патници и 51 член на екипажот, како и автомобили и камиони.