Во Норвешка уапсен екс командант на паравоената група „Вагнер“

Норвешката полиција го уапсила поранешниот командант на руската паравоена група „Вагнер“, Андреј Медведев, бидејќи наводно се обидел илегално да ја премине границата и да се врати во Русија, откако претходно оваа година побарал азил во Норвешка, соопштија денеска адвокатите на уапсениот.

Полицијата претходно објави дека маж на околу 20 години е уапсен поради обид илегално да ја премине границата, но не прецизираше кој е тој, пренесува Ројтерс.

Преминувањето на границата со Русија е дозволено само на одредени места, наведува агенцијата.

Адвокатот на Медведев тврди дека тој е уапсен поради недоразбирање.

„Тој беше таму за да го види местото каде што ја помина норвешката граница во јануари. Тој бил запрен додека бил во такси. Тој не беше ни блиску до границата. Неговата намера никогаш не беше да ја премине границата со Русија“, рече адвокатот Бринјулф Риснес.

Кога пристигна во Норвешка на почетокот на годината, Медведев рече дека бара азил затоа што се плаши за својот живот бидејќи, како што рече, бил сведок на убиства и малтретирање на затвореници на фронтот во Украина.

Меѓутоа, во мај објави клип на Јутјуб во кој вели дека сака да се врати во Русија, и покрај тоа што рече дека може да го доведе во опасност.

„Јас сум еден вид момче во голема игра во која повеќе не сакам да бидам дел“, изјави тогаш Медведев.

Тој, пак, во Норвешка беше осуден за тепачка во кафеана и носење воздушен пиштол, но беше ослободен од обвинението за напад на полицијата.

Основачот на „Вагнер“ Евгениј Пригожин загина во авионска несреќа на 23 август под необјаснети околности, само два месеци откако започна неуспешен бунт против руското воено раководство.