„Не е доволно да се зборува за перспективата за проширување на ЕУ кон Западен Балкан, туку треба активно да се охрабрува“. Ова е ставот на германскиот канцелар Олаф Шолц. Тој во своето обраќање на Минхенската безбедносна конференција рече дека кога зборува за ЕУ, мисли и на земјите од Западен Балкан.
„Не е доволно да се зборува за перспективата за проширување на Унијата во тој регион како стратешка цел. Тоа мора активно да го поттикнуваме“ рече Шолц.
Тој посочи дека е потребна јасност за нивото на амбициите на ЕУ во однос на сопствената безбедност и европскиот суверенитет.
„Ние Европејците ќе ја задржиме нашата способност за дејствување, нашата автономија во одлучувањето, само ако ги обединиме нашите желби и способности во ЕУ“ – подвлече тој.
Според него, европскиот суверенитет значи да се остане „сила меѓу силите“.