Ангеловска-Бежоска на СЕФФ: Зголемување на трговската и финансиската интеграција за подигнување на нивото на развој

Преку трговската, финансиската и технолошката интеграција, глобализацијата во последните 4 децении придонесе за забрзан економски раст, а особено на помалку развиените економии, вклучително и земјите од Западен Балкан. Трговската интеграција на регионот со ЕУ значително се зголеми, а особено на нашата економија чија трговска интеграција достигна 158% од бруто домашниот производ, што е највисоко во Западниот Балкан и петто најголемо во регионот на Централна источна и југоисточна Европа. Оттука, од големо значење се ризиците за домашната економија кои произлегуваат од засилената гео-економска фрагментација во последните неколку години, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата „Геополитика, креирање политики и финансии“ во рамките на платформата за дискусија на јавни политики – Скопски економски и финансиски форум (СЕФФ), којашто се одржа под мотото „Европа – ДА, Европа – СЕГА”.

Гувернерката се осврна на придобивките од трговската и финансиска интеграција кои делуваат како катализатор за економски раст и конвергенција, преку прелевање на знаење, технологија, финансии. „Конвергенцијата на доходот во регионот и во нашиот случај во последните две децении во просек се зголеми за близу 20 п.п. од БДП, или речиси двојно. Сепак, јазот во доходот е се уште голем – нашиот доход е се уште само 40% од просекот на ЕУ. Доколку останеме на историската брзина на економски раст, ќе ни требаат околу 40 години за да се приближиме до просекот на ЕУ. Оттука, потребни се зајакнати структурни реформи во трите клучни сегменти за забрзан раст – продуктивноста, инвестициите/иновациите и образованието/работната сила, но и политики кои ќе овозможат соодветно справување со растечките геополитички ризици (пред се искористување на придобивките кои ги нудат новите трендови кај европските синџири на производство“ – истакна Ангеловска-Бежоска.

Во панел-дискусијата, гувернерката посочи дека на регионот му е потребна натамошна интеграција со ЕУ и во глобални рамки, заради натамошно забрзување на процесот на економска конвергенција. Сепак, во овој процес, беше истакнато, нагласени се ризиците од засилените гео-политички случувања потенцирани во последните две години. Според последниот Извештај на Светскиот економски форум, гео-економскиот ризик е еден од трите најзначајни глобални ризици заедно со зголемените трошоците на животот и климатските ризици, како на среден, така и на долгорочен план. Ова не треба да изненадува бидејќи една од главните закани од геополитичките тензии е пресвртот во глобализацијата, а веќе е видлив растечки број на наметнати трговски и други ограничувања.

Скопскиот економски и финансиски форум е основан од страна на Министерството за финансии и е годишна конференција којашто се одржува последователно по трет пат. Овогодишната конференција ја отворија претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, министерот за финансии, Фатмир Бесими и еврокомесарот за буџет, Јоханес Хан. На Конференцијата присуствуваа претставници на меѓународни финансиски организации, претставници од владите во регионот и земјава, дипломати, како и претставници од бизнис-секторот и академската фела.