Катастрофален земјотрес во Мароко, околу 300 лица загинаа

Министерството за внатрешни работи на Мароко утринава соопшти дека најмалку 296 лица загинале во провинциите во близина на епицентарот на земјотресот.

Соопштено е дека најмногу штети и смртни случаи има во тешко достапните планински области, а најмалку 153 лица се повредени и пренесени на лекување во болници.

Земјотресот бил со прелиминарна јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала.

Земјотресот се случи во планинскиот венец Висок Атлас во Мароко, нешто по 23 часот по локално време, на релативно мала длабочина од 18,5 километри, со епицентар на 72 километри југозападно од Маракеш.

Американскиот геолошки институт соопшти дека земјотресот бил со прелиминарна јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала, а потресите траеле неколку секунди.

Американската агенција извести за последователен потрес со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала 19 минути подоцна.

Епицентарот на земјотресот во петокот бил во близина на градот Игил во провинцијата Ал Хоуз, на околу 70 километри јужно од Маракеш.

УСГС соопшти дека епицентарот на земјотресот бил на 18 километри под површината на Земјата, додека сеизмичката агенција на Мароко проценила дека епицентарот бил на длабочина од 8 километри. Во двата случаи, ваквите плитки земјотреси се поопасни.