
На денешен ден пред две години во пожар во модуларната болница во Тетово животите ги загубија 14 луѓе, а десетина лица беа повредени.
Починатите претежно беа ковид пациенти, а двајца се членови на семејствата на болните.
Две години подоцна заврши првостепениот судски процес, а Обвинителството сè уште работи на предистражна постапка околу тендерот за набавка на модуларните болници.
Во неправосилната пресуда има две условни казни, една парична и две ослободителни пресуди.
Според пресудата, Флорин Бесими и Артан Етеми добија казна затвор од по една година и шест месеци. Им се изрекува условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело.
Претставници на семејствата на 14 лица кои ги загубија своите животи во пожарот во модуларната болница во Тетово за денеска на двегодишната од пожарот и трагедијата во која ги загубиле своите блиски, најавија јавен протест со цел да побараат да има ново обвинение.
-Очекуваме ново обвинение. Ние од почетокот бараме правда и очекуваме правда, но во оваа држава се гледа дека нема правда. Но излегува вистината кој е крив. Јас спомнав неколку пати дека не се овие тројца, имаат нешто вина ама има и поголем синџир. Новинарите од ИРЛ ја извадија вистината кој е виновен, а кој не е виновен, изјави Мумин Исмаили, кој во пожарот ги загубил братот и мајката.
Собирот ќе почне кај модуларната болница, по што ќе се оди се до зградата на Основен суд Тетово.