Македонското земјоделство преку ИПАРД 3 програмата добива нови 97 милиони евра

Премиерот Ковачевски денеска го означи почетокот на новата ИПАРД 3 програма, заедно со Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. ИПАРД е фонд на Европската унија за поддршка и развојот на земјоделството, а Ковачевски додаде дека зголемувањетео на средствата во ИПАРД 3 програмата е заради што земјата има голема искористеност во ИПАРД 2.

„Го објавивме последниот повик од ИПАРД 2 програмата од 8,8 милиони евра – програма којашто има цел да се инвестира дома, со што целосно се реализира програмата, без ниту еден денар вратен назад кон Европската унија. Што значи сите финансиски средства ќе бидат искористени и пласирани во нашето земјоделство“, рече Ковачевски.

Ковачевски додаде дека со ИПАРД 2 програмата Македонија има највиско ниво искористеност од сите земји кандидатки за членство во ЕУ – беа беа склучеи 2.369 договори со земјоделци.

Премиерот верува дека пратениците ќе го поддржат евроинтегративниот процес на државата и дека нема да фалат пратеници за изгласување на уставните измени.

Ковачевски денеска повтори дека двотретинското мнозинство е потребно за понатамошното продолжување на евроинтегративниот процес на земјава.

„Пратеници не и требаат на Владата или на мене. За да бидете претседател на Влада и за да се изгласа Влада потребни се 61 пратеник. Оваа Влада има 65 пратеници со кои е изгласана. Две третини мнозинство е потребно за понатамошно продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата. Сите членови на Парламентот имаат обврска да го поддржат европското движење на државата затоа што младите заминуваат од државата во земји од ЕУ бидејќи таму има економски просперитет, владеење на правото, социјална правда и владеење на демократија. Тоа го сакаат нашите граѓани и тоа го сакаме и ние“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на новата ИПАРД 3 програма.

Додаде дека придобивките од влезот во ЕУ се огромни особено во економскиот дел, посочувајќи дека во држави кои станале членки на ЕУ е зголемена просечната плата за трипати, а нивото на инвестиции зголемено за 30 проценти.

„Единаесет години владата на ВМРО-ДПМНЕ проба да има алтернативно решение за економскиот раст. Што постигна? Ништо. Два проценти БДП, на три проценти просечна инфлација. Инвестициите ги гледаме. Стиропорот во Владата и во сите други згради се распаѓа, половина подруми се поплавени, театарот протекува. Останаа спомениците, а еден споменик бил плаќан 10-кратно повеќе од тоа што вреди. Ние сме уникатен случај во светот каде социјална зграда чини колку еден лав на мостот ‘Гоце Делчев’“, рече Ковачевски.

Верува дека скрининг процесот ќе заврши успешно и дека откако ќе бидат донесени уставните измени, ќе може да ги отвориме сите поглавја.

„Тоа ќе биде нов процес и импут за државата кога ќе почнат реформите од сите аспекти“, рече Ковачевски.