
Телефонски разговор меѓу Ковачевски и Трудо: Северна Македонија може секогаш да смета на Канада
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска оствари телефонски разговор со премиерот на Канада, Џастин Трудо. На разговорот присуствуваше и министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Премиерот Ковачевски изрази задоволство што токму денес во посета на нашата земја е министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли, што говори за активниот и континуиран дијалог меѓу нашите две земји по важни теми од интерес на двете земји, на Европа и пошироко.
На разговорот беа опфатени неколку теми во насока на натамошно продлабочување на билатералните односи, како и соработката во рамките на НАТО и мултилатералната сцена.
Премиерот Ковачевски нагласи дека долгорочен интерес на Северна Македонија е севкупно развивање на односите и соработката со Канада, која од самите почетоци на нашата независност манифестира активна поддршка на реформските, европското и евро-атлантското интегрирање на земјата.