Ковачки: Автоматското оружје не е најдено, ниту сите пукачи се повикани во полиција – оставка од Спасовски!

„Оливер Спасовски мора под итно да понесе одговорност. Кој стигне пука од огнено оружје и го загрозува јавниот ред и мир, а МВР молчи. Денеска ќе објавиме втор дел од видеото на кое се гледа дека не само командирот, туку и други лица пукале со автоматското оружје во Ропотово. Автоматското оружје од кое е пукано се’ уште не е пронајдено. Значи, оружјето не е пронајдено, а ова лице воопшто не е ниту повикано на разговор во станица“ порача денеска Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој појасни дека „со цел да се забошоти случајот со предизвикување на општа опасност од страна на командир на полиција, на други полициски службеници и воени лица, како и цивили кои пукале со автоматско оружје кое се’ уште не е пронајдено, го објавуваме видеото од лице кое мора да биде сослушано и да каже од каде му е и каде е автоматската пушка? службена ли е – полициска ли е, како може автоматско оружје да се најде во раце на лице кои можеби и не е полицаец?“

„Според информациите доставени до нас, од страна советник на министерот Спасовски, кој е вработен после неуспешниот обид да стане градоначалник, дадена е насока да се направат пропусти во случајот и истиот да се забошоти. Да потсетиме, на настанот имало присутно лице од најтесното раководство на СВР Битола и истото лице наместо да го спречи или пријави настанот, истиот го прикрил! Сакајќи да ја покријат неспособноста и аздисаноста во МВР, Оливер Спасовски и неговите советници откако реагираа пост-фестум со демек расчистување на настанот, а по принципот – секое чудо за 3 дена, мислат дека ова ќе се заборави. Министре Спасовски, од институцијата МВР направите пародија“ рече Ковачки.