Mилевски: Немам лични недоразбирања со Стефан Ристовски

На денешната прес-конференција на која беше објавен списокот за натпреварите со Италија и Малта селекторот Благоја Милевски доби и прашање за одлуката на Стефан Ристовски да се повлече од репрезентацијата.

Ристовски објави дека се повлекува од репрезентацијата, а како една од причините наведе недоразбирања со селекторот.

Милевски од друга страна денес истакна дека нема лични недоразбирања со Ристовски.

„Јас имам голема почит не само кон Стефан, туку кон секој репрезентативец и таа почит е на највиоко ниво. Колку го почитувам покажува и мојот пат до Загреб за да разговараме. Моја идеја беше да биде лидер и капитен, јас му ја доделив капитенската лента и тоа ја покажува мојата почит кон него. Имавме конструктивен разговор, имавме различни гледишта и размислувања за одредени теми, но сѐ беше во домен и интерес на тимот и подобрување на тимот. За жал, Стефан нема да биде со нас и јас ја почитувам неговата одлука. Тоа што се повлече не ја намалува мојата почит кон него. Единствена замерка е што одлуката ја објави преку социјални мрежи и така дознав, но со него немаме никакви лични недоразбирања“, рече Милевски.