
Ангеловска-Бежоска на Европскиот форум во Австрија: Конзистентни монетарни и макропрудентни мерки за одржување на ценовната и финансиската стабилност
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, заедно со гувернерите на Австрија, Германија и Данска, учествуваше на панел-дискусијата „Влијанието на затегнувањето на монетарната политика врз финансиската стабилност“ на Европскиот форум „Смела Европа 2023“ којшто се одржа во Австрија.
Во време на подолготрајни инфлациски притисоци, неспорно е дека клучен приоритет на централните банки мора да биде стабилизирањето на инфлацијата, за што е потребна затегната монетарна поставеност. За затегнувањето на монетарната политика да не создава ризици за финансиската стабилност, од клучно значење е да се преземат макро и микропрудентни мерки за одржување и натамошно јакнење на стабилноста на банкарскиот систем. Со преземање мерки на претпазливост, пред да започне монетарното затегнување или во текот на затегнувањето, се јакне капиталниот и ликвидносниот капацитет на банките и се обезбедува поголем простор за централните банки во борбата со инфлацијата.
Во својата дискусија, гувернерката Ангеловска-Бежоска наведе дека историски гледано, глобалната монетарна поставеност претставува најсинхронизираното и најсилно затегнување на монетарната политика во изминатите пет децении, со цел да се закотват инфлациските очекувања и да се намали стапката на инфлацијата. Но, повисоките каматни стапки може да го зголемат кредитниот ризик и да предизвикаат раст на нефункционалните кредити.
Засега тоа не се случува, со оглед на тоа што во Европа и во регионот на ЦЈЕ тие се одржуваат на нивото под 4%, коешто е значително пониско ниво во споредба со претпандемичниот период. Кај нас нефункционалните кредити се уште пониски ‒ 2,8%.
Исто така, како резултат на глобалната регулативна реформа, којашто беше направена и од наша страна, преку повеќето мерки што ги презеде Народната банка, значително се зајакнати капиталниот и ликвидносниот капацитет на банкарскиот систем за ублажување на евентуалните ризици.
Адекватноста на капиталот е највисока во последната деценија. Минатата година за првпат беше воведен контрацикличен заштитен слој на капиталот, а оваа година за првпат и макропрудентни мерки насочени кон квалитетот на побарувачката на кредити.
Сепак, гувернерката посочи дека особено е важно да се продолжи со натамошно јакнење на макропрудентната и микропрудентната рамка, како и зајакнување на соработката со надлежните европски институции бидејќи во регионот најголемиот дел од активата на банкарскиот систем е во сопственост на банкарски групи од Европската Унија.