БГНЕС: Рама ја спореди Бугарија со Русија!

Бугарската новинска агенција БГНЕС смета дека албанскиот премиер Еди Рама денеска искажал шокантни ставови на панел-дискусијата на Бледскиот стратешки форум и тоа пред бројни политичари од ЕУ и новинари, споредувајќи ја Бугарија со Русија, велејќи дека Бугарија може да ја нападне Северна Македонија.

„Додека говореше Абазовиќ, во контекст на Украина како можна членка, си велев, кој кого ќе нападне на овој панел – Бугарија лесно може да ја нападне Северна Македонија, Хрватска – Србија, Србија да го нападне Косово, Босна и Херцеговина самата да се нападне, ако ги замолиме Грците со задоволство ќе не нападне нас, а Црна Гора ќе се излежува на плажа. Тогаш Украина може лесно да стане членка. И уште да го споменеме рускиот авион…“, рече Рама, а пренесе МКД.мк, мислејќи на авионот во кој беше водачот на руската воена единица Вагнер.

Според бугарската агенција, Рама ја споредил Бугарија со Русија, а и Хрватска ја споменал во контекст како земја агресор, притоа пренесувајќи ја неговата изјава, БГНЕС вели дека цитира точно и затоа вели дека не може точно да се утврди дали неговите ставови се анегдоти или официјални ставови.

Спротивно на очекувањата дека форумот во Блед ќе донесе сериозни обраќања, бугарската агенција вели дека Рама сите ги изненадил со шокантната изјава, кај некои предизвикале недоумици, кај некого шок, некои пак, се насмеале…

БГНЕС во текстот потсетува дека Рама неодамна не бил поканет на средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан во Атина, туку грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го поканил албанскиот претседател Бајрам Бегај, а дека тој ја одбил поканата. Притоа, бугарската агенција забележува дека претходно, портпаролот на грчката влада кажал дека Рама не бил поканет заради апсењето на новоизбраниот градоначалник на Химара во Албанија, од грчко потекло.