Кој е Евгениј Пригожин?

Евгениј Пригожин е роден 1961 година во Ленинград денешен Санкт Петерсбург 10 години после рускиот претседател Владимир Путин.

Татко му починал кога бил мал, а мајка му работела во болница. Младиот Пригожин учел на спортска академија каде дневните активности вклучувале часови по скијачко трчање. Како професионален спортист тој не се покажал како успешен, а после школувањето западнал во друштво на ситни криминалци.

Судските документи од 1981 година откриваат што се случило. Една вечер во март 1980 година кога имал 18 години заедно со тројца пријатели излегле во кафуле во Санкт Петерсбург на полноќ. Виделе жена како сама шета во темна улица. Еден од неговите пријатели и побарал цигара. Кога тргнала да ја отвори ташната, Пригожин ја фатил за врат и ја стегал додека не изгубила свест, а притоа и ги земал златните обетки.

Ова е една од многуте немили случки кој Пригожин заедно со неговото друштво ги направиле во период од неколку месеци во градот кајшто е роден. Го осудиле на 13 години затвор, а остатокот од деценијата го провел зад решетките. Ослободен е 1990 година додека Советскиот сојуз се распаѓал и се вратил во Санкт Петерсбург,

Откако излегол од затвор тој почнал скромно да продава виршли, а сенфот го мешал во кујната во станот на неговото семејство. Заработувал 1000 долари месечно што преточено во рубљи изнесува голем износ.

„Мојата мајка едвај успеваше да ги изброи парите“, рекол во 2011 година.

Ова го кажал во едно од неговите ретки интервјуа. Тој имал поголеми амбиции од продавач на брза храна, умеел да воспостави контакти секогаш кога имал потреба. Набрзо станал сопственик на дел од ланец на супер маркети, во 1995 година и одлучил дека е време да отвори ресторан.

Се поврзал со британски менаџер кој претходно работел во Лондон. Пригожин го најмил менаџерот да управува со ресторанот. Во почетокот вработувал стриптизети за повеќе клиенти, а потоа откако направил добра реклама за вкусна храна, ресторанот работел одлично и повеќе не вработувал стриптизети.

Тој го рекламирал ресторанот како најпрефинет во Санкт Петерсбург. Таму јаделе поп звезди и угледни лица како и градоначалникот на градот, кој понекогаш доаѓал со тогашниот негов заменик Владимир Путин.

Пригожин го опишуваат како строг шеф кој користел специјален рефлектор за да ја детектира прашината на масите.

Угостителскиот бизнис на Пригожин процвета, проширувајќи се на владини тендери за снабдување со храна во училиштата, градинките и, на крајот, војската – договори вредни повеќе од 3 милијарди долари, според истрагата на Фондацијата за борба против корупцијата, основана од рускиот опозициски политичар Алексеј Навални.

После тоа, Пригожин беше поврзан со групата Вагнер, но Пригожин со години негираше какви било врски со паравоената група Вагнер, па дури и ги тужеше оние кои тврдеа дека тој ја основал. Вагнер првпат се појави во источна Украина во 2014 година, каде им помогна на проруските сепаратисти да воспостават контрола над украинската територија и да основаат две отцепени републики во регионите Доњецк и Луганск.

По 2014 година, Вагнер учествуваше во неколку војни низ светот, најмногу во Сирија и бројни африкански земји. Пријавено е дека групата учествува во воени операции во замена за пристап до природните ресурси. На пример, во Сирија, групата наводно ги чувала нафтените полиња под контрола на сириската влада и добивала процент од своите приходи за ова.

Во Либија, Вагнер се бореше за поддршка на генералот Хафтар, кој се обиде да ја собори владата поддржана од Обединетите нации, со платеници финансирани од приходите од нафтената индустрија на земјата. Во Централноафриканската Република, платеничка група застана на страната на сегашната влада против локалните бунтовници. Во септември 2022 година, шест месеци по почетокот на руската инвазија на Украина, Евгениј Пригожин одеднаш призна дека го основал Вагнер бидејќи се покажал како една од поефикасните руски единици во војната.

„Сам го направив моето старо оружје, сам избрав панцир и најдов специјалисти кои би можеле да ми помогнат во тоа. Од тој момент, на 1 мај 2014 година, се роди група патриоти, која подоцна беше именувана како баталјон Вагнер“, изјави Пригожин преку својата прес-служба, која ја потврди оваа изјава за Ројтерс.

Жестоко лојален на Путин, Евгени Пригожин е еден од најистакнатите гласови што изразува незадоволство од командата на руската војска во Украина.

Заедно со чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, тој го критикуваше и исмеваше еден од главните руски генерали, Александар Лапин, за неговите неуспеси во Украина. Кадиров рече дека на Лапин треба да му е жал за статусот во редовите и да биде испратен во првата линија. Пригожин ја пофали искреноста на Кадиров, објавувајќи порака на социјалните мрежи: „Рамзан, гориш!“.

Формално кажано, Евгениј Пригожин нема никаква улога во официјалниот руски естаблишмент. Сепак, обемот на неговото влијание е очигледен. Воени експерти велат за Би-Би-Си дека софистицираноста на оружјето што борците на Вагнер го користат во Либија е над она што е достапно на пазарот и може да се добие само преку владини врски на највисоко ниво.

Во март минатата година, веднаш по почетокот на руската инвазија, американските власти соопштија дека најмалку 1.000 нивни платеници биле испратени да се борат во источна Украина.

„Знаеме дека се таму. И знаеме дека сакаат да го зголемат своето присуство во Украина“, рече Џон Ф. Кирби, прес-секретар на Пентагон, на прес-конференција во март.

Подоцна, Пригожин почна да ги посетува руските затвори за да регрутира осуденици да се борат во Украина. Тоа исто така не можеше да се случи без дозвола од највисокото ниво. Тој ги повика затворениците да излезат, велејќи им дека општеството ќе ги почитува – и лежерно ги предупреди да не вршат нови злосторства, како што е силувањето.

„Не се опивајте, не земајте дрога, не силувајте, однесувајте се добро“, рече тој.

Тој вети дека регрутите ќе мора да останат на фронтот шест месеци, по што ќе бидат на слобода – и ќе се вратат дома и ќе им бидат исчистени досиејата од осудите. Неодамна, еден таков поранешен затвореник, осуден за убиство, всушност се врати од војната. Украинската војска, сепак, тврди дека Вагнер ги користи луѓето како топовско месо и дека многу негови борци се убиени, неодамна во жестоки борби околу источните украински градови Соледар и Бахмут.