Земјотрес и тропската бура Хилари ја погодија Калифорнија

Калифорниските власти прогласија вонредна состојба во поголемиот дел од Јужна Калифорнија, со предупредување за поплави

Земјотрес со јачина од 5,1 степени според Рихтеровата скала ја погоди областа Јужна Калифорнија погодена од тропската бура Хилари во неделата попладне по локално време.

Епицентарот на земјотресот бил во областа северно од Лос Анџелес, а потресите ги почувствувале жителите во голем дел од јужната област на американската сојузна држава.

Тропската бура Хилари предизвика поплави источно и западно од Лос Анџелес, откако со смртоносна сила навали низ мексиканскиот полуостров Долна Калифорнија, пренесува N1.

Едно лице во Мексико загина во поројните поплави на полуостровот, каде што беа уништени некои улици. Фотографиите на социјалните мрежи покажуваат порои кои ги покриваат улиците на градот.

Калифорниските власти прогласија вонредна состојба во поголемиот дел од Јужна Калифорнија, со предупредување за поплави.

Првата тропска бура што го погоди округот Лос Анџелес од 1939 година предизвика сериозни поплави во планините Сан Габриел источно од градот и крајбрежните области во северозападниот дел на округот Вентура.

Во округот Сан Бернардино е наредена евакуација на бројни места во планините и долините, поради опасност од водни порои и поплави.

Стотици летови беа откажани во Сан Диего, Лас Вегас и Лос Анџелес.