
Рускиот генерал кој ја надгледуваше изградбата на наводната приватна резиденција на рускиот претседател Владимир Путин, ненадејно починал во затвор.
На генералот Генадиј Лопирев (69) во понеделникот му се слошило, а додека се борел за здив, лекарите го известиле дека се работи за леукемија која претходно не му била дијагностицирана. Сепак, „Сан“ пренесува дека постојат сомнежи дека генералот бил отруен.
Во 2017 година, Лопирев беше осуден на 10 години затвор од рускиот воен суд, бил прогласен за виновен за примање поткуп и незаконско поседување муниција. До самиот крај тој ги негирал овие обвинувања. Додека служел во Федералната служба за заштита, генералот лично ја надгледувал изградбата на резиденцијата на врвот на карпата Геленџик, која наводно била изградена со државни пари за приватни потреби на Путин.
Генералот исто така бил одговорен и за официјалната резиденција на рускиот лидер Бочаров Ручеј во Сочи. Лопирев бил еден од најблиските соработници на Путин за безбедност и бил присутен и на состанокот помеѓу рускиот претседател и тогашниот британски премиер Тони Блер во Москва во 2002 година. Многумина сè уште веруваат дека обвинението е засновано на фабрикувани докази.
Неговиот син Александар последен пат го видел во понеделникот и изјавил дека му изгледал сосема здраво. Но, потоа, тој одеднаш се пожалил на потешкотии во зборувањето и дишењето, објави телеграмскиот канал CPC-OGPU. Каналот ги спореди симптомите со оние на Алексеј Навални, главниот критичар на Владимир Путин, кој беше отруен со нервниот агенс Новичок.
Во понеделникот, Лопирев бил однесен од казнената колонија број 3 во регионот Рјазан во две болници. Лекарите во првата болница не пронашле ништо, а лекарите во втората откриле дека има леукемија.
– Разговарав со шефот на болницата, кој рече дека прегледот на срцето е нормален и дека белите дробови му се чисти. Тешко е да се каже што точно се случи. Се подготвувавме да бараме условно ослободување за него бидејќи имаше право на тоа. И тогаш дојде повикот во кој ни кажаа дека починал. Се се случи многу брзо и многу чудно – изјавил Александар Лопирев.
Генералот наводно бил многу здрав и пешачел речиси 15 километри дневно во својата казнена колонија, а исто така се занимавал и со гимнастика. Навални претходно го идентификуваше Лопирев како одговорен за палатата Геленџик од 1 милијарда фунти и тврдеше дека генералот ги знаел сите тајни за финансирање на изградбата. Во палатата наводно има будоар за наргиле и шипка за танцување, казино, дискотека…
Медиумите претходно објавија дека има подземен комплекс изгрраден во карпа. Еден рударски инженер кој работел на изградбата, наводно, рекол дека е „изграден за претседателот“ и дека има и нуклеарно засолниште. Подземниот лавиринт вклучува тераса на карпата со поглед на морето и огромна винарска визба.
Кремљ негираше дека Геленџик е изграден за Путин. Лопирев беше осуден за поткуп во вредност од 50.000 фунти, но извештаите велат дека кај него биле пронајдени повеќе од 8 милиони фунти.