Вучевиќ: На Црна Гора и С. Македонија ќе им се удри од глава признавањето на Косово

Министерот за одбрана на Србија и претседател на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ, изјави дека Црна Гора и Северна Македонија ја навредиле Србија со признавањето на независноста на Косово, нагласувајќи дека тоа претставува мешање во внатрешните работи на една земја.

– Згрешивте и ќе ви се удри по глава, како што ги погоди сите што го промовираа Косово и Метохија како независна држава во Украина. Ја отворивте Пандорината кутија. Смешни се вашите бирократски одговори дека Косово е sui generis, дека е посебен случај. Ниту Албин Курти, ниту Тирана не веруваат во тоа – изјави Вучевиќ за ТВ Пинк.

Тој е на мислење дека постои голема меѓународна поддршка за создавање на Голема Албанија, нагласувајќи дека тоа не е прашање само за Србија, туку и за нејзините соседи.

– Дали нашите пријатели во Северна Македонија спијат мирно? Дали спиете мирно? Мислат дека се во НАТО пактот и дека си ги решиле проблемите… Ова е мантра и на Црна Гора и на Северна Македонија. Кога станаа членки на таа колективна безбедност, или НАТО Алијанса, мислат дека си ги решиле сите проблеми и дека веќе ништо не може да им се случи. Мора да погледнете што е во историјата, да разберете малку други околности и да разберете што се случува во нивниот двор. Ние не сакаме да ја водиме нивната политика, тоа е прашање за нив. Но, можеме да кажеме дека 25 проценти од Албанците имаат 50 проценти од моќта во Северна Македонија. Ако е ок за Македонците, ок е за нас, очигледно ќе имате политика која нема да ја гледа Македонија како своја земја – нагласи тој.

Вучевиќ оценува дека постои сеалбански консензус за национално обединување и дека „наивните Срби мислат дека тоа не може да се случи и дека нема промени на границите“.

– Отсекогаш важела мантрата дека нема промени на границите, па се менувале. Не би спиел мирно, но тоа е прашање за Скопје, а Подгорица нека види што ќе прави. Гледам дека сега најголемото прашање за нив е дали на српските партии, или на српската партија или на коалицијата им се дозволува да дојдат на власт со, условно кажано, некои мали министерства. Во Северна Македонија, 25 отсто од Албанците имаат 50 отсто од владата, а во Црна Гора 30 отсто од Србите не можат да имаат две министерства или дури едно. Велат дека се мешаме во внатрешните работи. Ни се мешате во внатрешните работи – го признавте Косово, има ли полошо, понепристојно и отворено мешање во внатрешните работи – заклучи Вучевиќ.