
Италијанскиот премиер Џорџа Мелони и албанскиот премиер Еди Рама веќе неколку пати проговорија за тоа како негуваат исклучително добри односи, а последните информации потврдуваат дека Мелони одлучила дел од одморот да го помине во Албанија.
Откако Рама неодамна се пофали со Мелона и нејзините политички активности, тој ја покани својата италијанска колешка да помине дел од нејзиниот одмор на другата страна на јадранскиот брег.
Според италијанските медиуми, Мелони пристигнала со брод во Валона, заедно со нејзиниот партнер Андреа Џамбрун и нивната ќерка.
„Премиерката отпатува за Албанија, каде имаше и приватна средба со Еди Рама. Мелони помина два до три дена во Албанија со своето семејство. Ја прифати поканата на Рама да го посети албанското крајбрежје, за време на лето“, пишува Sky Italia.
За време на нејзината посета зборуваше и Еди Рама, а италијанската La Stampa ја пренесе неговата изјава во која рече дека Мелони не греши во меѓународната политика и дека особено ја цени поради тоа.
„Џорџа е пријател и е се освен фашист“, рече Рама.
И премиерот на Албанија на социјалната мрежа Инстаграм сподели фотографија со Мелони.
„Сестра Албанка. Благодарам Џорџа, тоа беше голема чест“, рече премиерот на Албанија.
Инаку, Рама претходно ја коментираше работата на Мелони и рече дека нејзината политика не претставува никакво изненадување.
„Отсекогаш сум имал одлични односи со сите. Џорџа не е изненадување за мене, туку е за евроатлантскиот блок. Во сите меѓународни околности на неа се гледа со опиплива почит, има харизма и ги кажува вистинските работи. Јас висок сум 198 см, но кога зборува изгледа повисоко од мене, ѝ се восхитувам“, изјави Рама.