
Обвинителите барале тетовскиот суд да ги отфрли германските вештаци за сведоци со образложение дека германското вештачење било „беспредметно“ за овој случај. Тие самите го завеле вештачењето како доказ, без да образложат за што е доказ, а потоа бараат за истото да не се расправа. На аудио снимката од судското рочиштe обвинителите Зорица Павловиќ и Дејан Петрески од скопското обвинителство го отфрлаат барањето за расправа и сведочењето на германскиот експерт и ја набедуваат одбраната дека целта им е само да се одолговлечи судскиот процес, објави „ИРЛ“.
Републичкото јавно обвинителство упати јавен демант до ИРЛ тврдејќи дека новинарите лажат дека германското вештачење не било предложено како доказ во постапката.
Дополнително, во јавното соопштение дистрибуирано на 14 август 2023 по емитувањето на истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово” тие тврдеа и дека германското вештачење практично потврдило кој е виновен за несреќата, алудирајќи на спојот од кабелот.
„Апсолутно невистинити се наводите дека вештачењето од германските експерти воопшто не било изложено како доказ во судската постапка. Службената експертиза од Форензичкиот институт при Сојузната криминалистичка служба и лабораторија од Германија е составен дел од доказниот материјал. Тој уредно беше доставен до странките во постапката, приложен заедно со обвинението и во текот на судењето јавно беше изведен како доказ пред Судот. Судските рочишта за овој предмет беа отворени за јавноста, па оттаму изнесувањето на вакви невистини е целосно тенденциозно“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Од кабинетот на Јовески посочиле дека сето ова било јавно видливо за сите оние кои ги следеле рочиштата.
Тимот на ИРЛ го следеше судењето во Тетово и ги доби сите судски записници и аудио снимки од рочиштата и тие беа основа во документарниот филм на ИРЛ да се изведе аргументот дека ова вештачење не било земено во предвид, велат новинарите. Токму за ова тврдење на ИРЛ државниот обвинител Јовески најсилно реагирал во демантот.
„ИРЛ поседува транскрипт и тонски запис од судењето, кога адвокатите на одбраната бараат во судницата да се повика форензичарот од германската полиција кој го извршил увидот и го изготвил вештачењето доставено од македонските истражни органи. Наодите на форензичарите од германската полиција не се презентираа ниту во судската постапка. А, всушност тоа е едно од клучните вештачења, покрај она на електровештакот, кое што ги посочува причинско – последичните врски на пожарот и неговото брзо ширење“ велат од ИРЛ.