Манчини си даде оставка – Италија со нов кормилар ќе е против Македонија

Италијанската репрезентација остана без селектор, откако фудбалскиот сојуз на оваа земја ја прифатил оставката на досегашниот предводник, Роберто Манчини.

Тој ја поднел оставката синоќа, а ФИГЦ попладнево и официјално ја прифати и ја соопшти информацијата.

„Земајќи ја предвид важноста и близината на обврските во квалификациите за ЕП 2024 и натпреварите со Македонија и со Украина на 9 и на 12 септември, ФИГЦ ќе го соопшти името на новиот селектор во следните неколку дена“, пишува во соопштението.

Манчини дојде на чело на Италија во мај 2018 година и најголемиот успех го оствари со освојувањето на Европското првенство во 2021 година. Во неговото владение се случи и еден од најголемите дебакли на Италија, поразот од Македонија во Палермо, лани во март, во плејофот за СП 2022.

Италија гостува во Скопје на 9 септември, а Македонија ќе гостува на 17 ноември.