
Два стана на улица „Горица“ во Охрид, земјиште од 56.818 метри квадратни кај Морани во Општина Студеничани и мал плац кај местото Џибарица на Кожуф од 321,81 метри квадратни, кои се дел од конфискуваниот имот на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков се објавени за јавно електронско наддавање на веб-страницата на Агенцијата за управување со одземен имот.
Најповолниот понудувач е должен цената да ја положи во рок од 15 дена по заклучувањето на јавно надавање по електронски пат, во државниот Буџет. Имотот е во вкупна вредност од околу 520.000 евра.
Едниот стан во Охрид е 65 метри квадратни со проценета вредност од 5.775.234 милиони денари. Вториот стан, во истата зграда, од 114 метри квадратни е проценет на 9.032.505 денари. Земјиштето од 56.818 метри квадратни кај Морани во Општина Студеничани крај Скопје е со почетна вредност од 17.045.421 денари, а малиот плац кај местото Џибарица на Кожуф од 321,81 метри квадратни е проценет на 29.686 денари.
Право на учество на јавното наддавање по електронски пат имаат сите физички и правни лица, освен осуденото лице од кого е конфискувана недвижноста, вработените лица во Агенцијата за управување со одземен имот, како и друго лице кое службено учествувало во постапката за продажба – се вели во огласот.
Рок за поднесување на пријавите за учество на јавното наддавање е до 23.08.2023 година до 14:00 часот. Агенцијата соопшти дека лицата заинтересирани за купување на недвижноста ќе може да учествуваат на електронското јавно наддавање доколку положат гаранција во висина од десет отсто од утврдената вредност на некоја од недвижностите.
Јавното надавање нема да се одржи доколку се јави само еден понудувач