Петмина хрватски навивачи сакале да побегнат од Грција во Италија – ги открил еден детал

Началникот на Генералштабот на грчката полиција ќе спроведе внатрешна истрага за настаните во Атина, каде 29-годишен навивач на домашната екипа загина во судир меѓу членови на навивачки групи во пресрет на натпреварот меѓу АЕК и Динамо Загреб во квалификациите за Лигата на шампионите.

Истрагата треба да се справи со пропустите на грчката полиција, која не го спречи доаѓањето на навивачите на Динамо во Атина, иако за тоа беа предупредени од нивните хрватски и црногорски колеги најмалку два дена однапред.

Грчката полиција почна да си ја врши работата дури по конфликтот. Така, во вторникот имаше повеќе апсења. На границата со Албанија се приведени седум Хрвати, но имало и лажни апсења.

Во една таква акција полицијата привела девет хрватски државјани, но брзо ги ослободила бидејќи биле туристи, а не членови на „Bad Blue Boys“.

Но, акцијата на море беше успешна.

Петмина Хрвати планирале да побегнат со брод во италијанскиот град Бари, а немале валидна причина да останат во Грција.

Според грчките медиуми, тие рекле дека во Грција дошле како туристи, но на полицијата и било чудно што немаат багаж, па биле откриени.