„Никако не треба да ја признаеме независноста на Косово“ вели претседателот на Србија- Александар Вучиќ. Тој порача дека Србија треба да работи со косовските Албанци на создавање на подобри односи и на доверба.
„Проблемот е што Албанците не сакаат да слушнат за ништо друго освен за независност. Пандорината кутија е отворена со признавање на границите на поранешните југословенски републики и признавањето на Косово. Србите сега треба повторно да го прифатат тоа и да молчат. По кој принцип на меѓународното право?“ – изјави Вучиќ синоќа на „ТВ Прва“.
Тој изјави дека косовските Албанци се однесуваат како екстремисти и не сакаат да исполнат ниту една меѓународна обврска.
Посочи дека од тие причини, поради мирот и стабилноста, Отворен Балкан е една од најдобрите идеи што им овозможува на сите слободно да се движат, да имаат слободен пазар, субвенции за инвеститорите, вработување.
„Тоа е патот според кој треба да ги надминеме разликите и лошите односи. На Србија и е нанесена голема неправда, иако и ние не сме ангели, но нема одговор на прашањето како сите имаат право да се отцепат од Југославија, а после тоа Србите немаат право да останат да живеат во тие делови“ вели Вучиќ.