Димитар Башевски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП

Познатиот македонски поет, романсиер, книжевен преведувач и издавач Димитар Башевски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува од страна на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија.

Башевски е добитник на наградата за неговата поетска збирка„Дни, години“ во издание на СЛОВО.

Добитникот на наградата беше соопштен на прес-конференцијата, одржана на 31.07.2023 година, во 11:30 ч. во Конгресната Сала во Хотел Дрим во Струга. Жири комисијата во состав: Веле Смилевски (претседател), Милован Стефановски, Славица Гаџова Свидерска, Трајче Стамески, Марина Мијаковска (секретар) после прочитот на сите 35 пристигнати книги направи заедничка селекција и во потесен круг од пет книги влегоа збирките (редоследот е според почетните букви од презимињата на авторите)

1. Башевски Димитар – „Дни, години“, Слово
2. Коцев Јосип – „Две мориња“, Антолог
3. Михаилова Бошнакоска Гордана – „Мед и младост“, Макавеј
4. Трајкоски Дејан – „Филмски песни“, Бата прес милениум
5. Ќулавкова Катица – „На врв на јазикoт“, Арс Либрис

По опстојна дискусија, Жири-комисијата едногласно одлучи наградата да се додели за стихозбирката „Дни, години“ од Димитар Башевски.