Дваесет и седумгодишна жена од Штип почина, откако била касната од крлеж. Крлежот го извадила дома, а дури по неколку дена, откако и се јавиле симптоми, се јавила на инфективното оддделение во Штипската болница.
Оттаму велат дека жената била донесена во неделата, а поради влошената состојба и за да се направат дополнителни анализи во вторникот претпладне била испратена на инфективната клиника во Скопје.
По два дена, во четвртокот, од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во лабораторијата за вирусологија било докажано дека станува збор за конго-кримска хеморагична треска. Истиот ден, пациентката починала.
„Се работи за 27-годишна жена од село Кучица, Штип која поради брзо прогресирање на болеста починала истиот ден. Тим од одделот за епидемиологија при ИЈЗ, во соработка со епидемиолог од ЦЈЗ Штип веднаш направи увид во селото, клиничката болница Штип и Итната медицинска помош Штип. Направена е епидемиолошка анкета за пациентката по што дознавме дека била касната од крлеж, кој бил изваден во домашни услови. По појавата на симптоми, неколку дена по каснувањето, најпрво била хоспитализирана во Штип, а потоа во Скопје“, велат од институтот за јавно здравје.
Бидејќи болеста се пренесува преку крв, од ИЈЗ велат дека ги пребарале сите контакти во семејството. Направени се четири материјали за тестирање и сите биле негативни. Контактите кои се од среден и висок ризик наредните 14 дена ќе бидат под здравствен надзор, велат од Институтот за јавно здравје.