Стопанска комора додели награди за Кочо Анѓушев, КИФ и регионалните комори од Битола
Коморскиот инвестициски форум (КИФ), Регионалните комори од Битола и од Прилеп и проф.др. Кочо Анѓушев, стопанственик и сопственик на групацијата „Фероинвест“ и „Брако“ се доботници на дел од наградите што Стопанската комора на Северна Македонија ги додели по повод 101-годишнината од нејзиното создавање.
Наградите што беа доделени се во две категории: првата-приоритети на Комората за придонес во развојот на извозот, но и за образованието на кадар за потребите на бизнисот, што им беше врачена на Лулзим Рафуна, претседател на КИФ и Кочо Анѓушев, стопанственик.
А втората, за долгогодишна коморска активност на Регионалните комори од Битола и од Прилеп.
Наградите ги додели претседателот на Комората Бранко Азески, кој истакна дека придонесот на Коморскиот инвестициски форум, на проф.д-р Кочо Анѓушев и на Регионалните комори Прилеп и Битола за нашата економија е неспорен и потврден со конкретни резултати.
“Стопанската комора годинава прославува 101 година коморско организирање и денес може да кажеме дека нема институција во државата што поседува капацитет со материјални и човечки добра како нашата Комора. Ние сме партнери на државата, утврдиваме приоритети и остваруваме. На тој пат ние не сме сами, со нас се компаниите членки, меѓународните партнерски асоцијации и институции. Управниот одбор на Комората донесе одлука за доделување на награди за истакнати стопанственици, компани кои на патот на остварувањата покажаа особени резултати. Затоа денес, преку овој пригоден настан, посочувајќи ги главните приоритети на нашата економија, извозот и создавање кадар за неговите потреби, сакаме повторно да укажеме кој е вистинскиот пат за развој на една економија, но и да оддадеме признанија на клучните чинители во остварувањето на приоритетите и нивниот придонес во остварувањето на стратешките цели на делување на Комората, а тоа е нашата насоченост исклучиво кон интересот на компаниите- членки и додадената вредност која ја добиваат“, истакна Азески.
Коморскиот инвестициски форум, асоцијација која го обезбедува гласот на бизнисот во регионот и застапува 350 илјади компании од подрачјето на Западен Балкан, минатата година забележа видливи резултати со конкретни придобивки за македонските компании.
Со поддршка од Европската Унија се реализираше Програмата за развој на добавувачи, преку која се мапираа добавувачите од регионот во секторите на автомобилската индустрија, лесната преработувачка индустрија и на земјоделско-прехранбената индустрија, при што во дата-базата Market Access вклучени се 483 македонски компании. Истовремено КИФ обезбеди поддршка и пристап до финансии, грантови и саемско претставување на извозно ориентирани македонски компании. Преку Регионалниот фонд за предизвици, КИФ активно придонесува и за поддршка на дуалното образование при што досега е одобрено финансирање за вкупно 14 проекти од Северна Македонија, во вредност од 6,13 милиони евра.
Стопанската комора му додели награда и на Анѓушев, кој во своето портфолио, преку успешни деловни потези, има значајна улога во зголемувањето на извозот. Кочо Анѓушев преку диверзификација на палетата на извозните производи во пет сектори и диверзификацијата на извозните пазари на три континента, но и во образовниот процес преку профилирање кадар за потребите на своите компании во рамки на групацијата, претставува успешен пример кој треба да биде и основата на која ќе се темели нашиот економски развој како држава.
Наградите на Регионалните комора од Битола и од Прилеп им беа врачени на претседателите Ирена Јакимовска, сопственик/управител на „Комфи ангел“ и на Мирко Велковски, сопственик на „Хемометал“ и ВЕМИЛК- Битола. Наградите се резултат на нивниот несебичен ангажман во последните 10 години. Двете комори покриваат околу 8. 000 активни компании, со вкупен придонес на БДП во текот на претходните години од 12%.