Тројца од обвинетите во случајот „Титаник“, кој се однесува на изборни нерегуларности и злоупотреби, на денешното судско рочиште признаа вина.
Меѓу оние кои се изјаснија како виновни се поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешната заменичка министерка за правда Билјана Бришковска-Бошковска и Мартин Протуѓер, шеф на кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски, кој исто така е обвинет во овој предмет, но е во бегство во Будимпешта.
Јанкулоска пред судот кажа дека ја признава вината во однос на наводите од обинението, но забележа дека постапката за овој предмет не требало да се води, поради даденото помилување од поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
И Јанакиески рече дека признава вина за дел од кривичните дела кои му се ставаат на товар, но и тој смета дека „Титаник“ не требало да се води поради помилувањето на Иванов.
Мартин Протуѓер кажа дека презема одговорност како морален чин и од тој аспект ја прифаќа вината.
Бришковска, пак, ја прифаќа вината како лична и професионална одговорност од аспек аспект на позициите кои ги извршувала.
Судењето денеска треба да продолжи за оние кои признаа вина, а за останатите обвинети ќе има ново рочиште на 9. март.
Случајот „Титаник“ го води судијата Осман Шабани, додека обвинението го застапува обвинителката Лиле Стефанова.