„Збогум на сите птици“: Маск најави промена на логото на Твитер

Сопственикот на Твитер, Илон Маск најави дека социјалната мрежа ќе го промени логото во знакот „X“ и дека сите птици ќе исчезнат од платформата.

Во серија твитови Маск напиша: „И наскоро ќе кажеме чао на твитер брендот, и постепено на сите птици“.

Култното лого на Твитер за првпат се појави во брендот на компанијата во 2010 година, а во 2012 година го доби денешниот изглед.

Еден од најбогатите луѓе на светот, претходно познат по неговите компании Спејс X и Тесла преку кои развива ракети и електрични автомобили, сега е препознатлив по неговите екцентрични коментари на неговиот официјален Твитер профил, преку кој често споделува и теории на заговор и влегува во јавни кавги на социјалната мрежа.

Маск направи драстични промени на платформата, откако ја купи за 44 милијарди долари во октомври минатата година. Тој драстично го намали бројот на вработените во Твитер, а направи и драстични промени во политиките на компанијата, што пак беше проследено со чести проблеми на социјалната мрежа.

Тој постојано предупредуваше дека Твитер може да биде во ризик од банкрот, поради високите трошоци и ниски приходи. Овој месец тој соопшти дека платформата уште има негативен прилив на средства поради падот за 50% на приходите од рекламирање и високите долгови.