Бизнис фелата се спротивстави на Владата: „Солидарниот данок“ е потреба на населението или пари за јавна администрација?

Бизнис фелата реагира на потезите што Владата ги прави по линија на помал отпор, со што изостануваат суштински зафати кои од корен би ги придвижиле работите, па бараат „бела книга“ за да се види – кој е кој, пренесува Пари.

Законот за солидарност е потреба за населението. Тие пари нема да одат за никакви други активности, туку за да им се помогне на оние на кои им е најпотребно. Тоа се образложенијата на Владата, за намерата преку данокот да дојдат до дополнителни 76 милиони евра.

На другата страна се бурните реакции од бизнисот поддржани од опозицијата. Од Стопанската комора им пишаа на премиерот, парламентарниот спикер и на министерот за финансии со најава дека „солидарецот“ ќе се најде пред уставните судии. Погрешен чекор на штета на бизнисот – е ставот на Сојузот на стопанските комори. Од Стопанската комора на северозападна Македонија се изјаснија дека тоа е казна. А, пак, опозицискиот лидер најави дека понеделнички, на собраниската Комисија за европски прашања ќе побараат јавна расправа за законот.

„Ние како Влада немаме како да отстапиме, затоа што предлогот е веќе испратен во законодавниот дом“, е коментарот на вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој деновиве појаснува – зошто и за кого данок и зошто и за што солидарните пари.

Конкретно, парите од данокот за солидарност ќе се искористат за нови антикризни мерки и за субвенционирање на цената на струјата, односно ќе бидат канализирани онаму каде што има потреба.

Еднократниот данок ги опфаќа само компаниите, 150 на број, кои во време на криза успеале да направат профит од над 20 милиони евра, па затоа Валадата смета дека како солидарен чин треба да „се врати кон оние кои треба да се справат со кризата“, посочува вицепремиерот.

Што се однесува до предупредувањето од СКСМ дека по евентуалното изгласување ќе следи иницијатива со која ќе се оспори законот затоа што го крши Уставот, Битиќи вели сите чекори што Стопанската комора може да ги преземе се легитимни, а кои водат кон Уставниот суд и кон претседателот на државата.

„Ќе одиме до крај, зашто мислиме дека нашите аргументи се издржани и ќе ги искористиме сите средства во Парламентот, кај претседателот на државата и кај Уставниот суд“, повтори првиот човек на Комората, Бранко Азески.

Според начинот и времето како се носи овој данок, според правните експерти кои ги консултиравме, може да биде предмет за оценка на уставноста, изјави и претседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Трајан Ангелоски, кој смета дека со тој данок се испраќа погрешна порака – селективно се применуваат европските пракси, а дополнителните даноци ќе бидат дополнителен товар за бизнисот.

Законското решение ќе ги дестимулира компаниите, децидни се од Стопанската комора на северозападна Македонија, од каде што посочуваат – „спротивставувањето кон оваа иницијатива е принципиелно, бидејќи цениме дека ова ќе ги дестимулира компаниите да инвестираат и да се развиваат, затоа што во случај на пораст на приходите и нето добивка, тие ќе бидат казнети“.

Воедно и од СКСЗМ го делат мислењето за неуставност на предложениот акт, односно и оттаму се цитира членот 52, став 4 од Уставот – „Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните”.

Од Владата, секако, тврдат дека кон носењето на европски обележаниот закон се посега токму за „доброто на граѓаните“. Впрочем, тоа е и главниот аргумент со кој настапуваат. Притоа, не треба да се изостави фактот дека до октомври треба да се обезбедат средства за исплатата на првата зголемена плата што ќе ја добијат 130 илјади вработени во јавната администрација. За што веќе се знае дека во септември ќе се пристапи кон ребаланс на државната каса.

Бизнис фелата, всушност, реагира на потезите што Владата ги прави по инерција, по линија на помал отпор, со што изостануваат суштински зафати кои од корен би ги придвижиле работите токму во насока на – добро за сите.

Во тие рамки и укажувањата дека зголемувањето на даноците треба да е последната опција, зашто државата прво треба да се ориентира кон средување на наталожените проблеми и пропусти. Затоа, ова со „солидарецот“ се оценува како „јасен негативен показател за неразвиено економско владеење од страна на власта“, како што наведуваат од СКСЗМ. Поточно, правната или економската сигурност на домашните компании или странските инвеститори во голема мера зависи од способноста на институциите да изнајдат правични и разумни решенија.

Деловната заедница упатува на тоа дека активностите на власта претходно треба да се насочат кон администрацијата, да се спроведе рационализација во јавните претпријатија, и да се приватизираат постојните нефункционални делови. За да не се случува и понатаму македонските административци да се трансформираат во сезонски работници, кои три месеци заработуваат во странство користејќи ја можноста за неплатен одмор. За што и вицепремиерот Битиќи јавно рече дека кога некого нема три месеци, значи не е потребен, па препорача по враќањето тие лица да побараат работа во приватниот сектор, каде што има недостиг од работна сила.

Исто така, бизнисот смета дека, конечно, власта мора да обрне внимание и да почне да се справува со „енормниот пораст на буџетската потрошувачка и со политики и мерки кои ќе доведат до нејзино намалување“, при што се повикува на официјалните податоци, според кои, проектираниот годинешен Буџет, без претстојниот ребаланс, е за 3,2 пати поголем од оној во 2005. Период, во кој БДП се придвижувал со просечна годишна стапка од 1,7 проценти.

Па, за да нема недоразбирања кој е кој во земјава, од СКСМ бараат се да излезе на виделина преку таканаречената „бела книга“, во која ќе има место за најголемите плаќачи на даноци и придонеси во државата, односно кој ја полни државната каса.