Во Москва уапсени седуммина, планирале атентат врз уредничката на „Раша Тудеј”

Полицијата во Москва уапси седум лица осомничени за подготовка на атентат на главниот уредник на медиумската група „Раша Тудеј” и телевизискиот канал „РТ” Маргарита Симонјан, како и на новинарката Ксенија Собчак, соопштија за „РИА Новости” од полицијата.

Тие биле обвинети за хулиганство извршено со употреба на оружје и им е одредена мерка притвор до 14 септември. За ова дело е предвидена затворска казна до седум години. Маргарита Симонјан истакна дека ова е втор обид за атентат што го доживеала во последната година.

– Во текот на оваа година се навикнав да живеам како зајак на поле, некој да ме брка со пиштол – вели таа во коментар за РТ и додава дека „има работи полоши од смртта – срам, предавство и живеејќи со чувството дека сте направиле нешто непоправливо“.

Претходно во саботата Федералната служба за безбедност објави дека заедно со Министерството за внатрешни работи и Истражниот комитет спречиле обид за убиство на Маргарита Симонјан и Ксенија Собчак.

Како што тврдат, членовите на неонацистичката група „Параграф-88“, кои подготвувале обиди за атентат по налог на Украинската служба за безбедност СБУ, биле приведени еден ден претходно во Москва и во регионот Рјазан.

При претресот им била одземена автоматска пушка, гумени палки, ножеви и лисици.