Лиза Мари Присли, ќерката на легендата на рокенролот Елвис Присли, почина од опструкција на тенкото црево, соопшти канцеларијата за медицинско иследување на округот Лос Анџелес, пренесе Би-Би-Си.
Опструкцијата беше резултат на адхезии предизвикани од операција за слабеење на која таа беше подложена пред неколку години.
Присли, исто така пејачка, почина откако беше итно пренесен во болница во Калифорнија на 12 јануари. Таа имаше 54 години. Нејзиното последно појавување во јавноста беше два дена пред нејзината смрт, на доделувањето на Златните глобуси.
Во моментот на смртта на Присли, локалните власти соопштија дека прва помош била испратени во нејзиниот дом во Калабасас, каде што ја нашле со срцев удар.
Вчера по завршување на медицинскиот извештај, беше соопштено дека таа починала од природна смрт и дека срцевиот застој е предизвикан од „опструкција на тенкото црево“.
Ова се случува кога тенкото црево е блокирано, понекогаш како резултат на рак на дебелото црево, лекови или адхезии, кои се формираат по операциите. Некои состојби кои ги воспалуваат цревата може да доведат и до опструкции на тенкото црево.
Во случајот на Присли, извештајот покажа дека адхезиите биле предизвикани од операција за слабеење, позната како баријатриска операција, на која таа била подложена пред неколку години.
„Ова е позната долгорочна компликација на овој тип на операција“, се вели во медицинскиот извештај.