Тимот на Клиниката за гинекологија отфрла одговорност за случајот со 39 годишната родилка, која почина синоќа од тешките повреди со кои се здоби при скок од прозорец на ГАК неколку дена по породувањето.
Иако Државниот здравствен и санитарен инспекторат со вонредниот инспекциски надзор по несреќата, констатираше пропусти и издаде решение за утврдување одговорност кај здравствените работници кои не обезбедиле психијатар за родилката иако во два наврати таа покажала вознемиреност, сепак од Клиниката за гинекологија велат дека презеле се. На инспекторите ќе им одговорат следната недела.
Обидот за самоубиство на младата жена, 4 дена откако роди здраво машко дете се случи на 2 јули. Таа скокна од првиот кат на Клиниката за гинекологија и со тешки повреди беше префрлена на КАРИЛ. Но не успејаа обидите на лекарите да ја спасат.
По трагичниот случај од Гинекологија кажаа дека жената два пати по породувањето била малку вознемирена. Првиот пат разговарала со клинички психолог, а вториот пат и дале терапија и е донесена одлука да се направи подобра проценка на нејзината здравствена состојба, а пред да се пушти дома да ја види психијатар.
По Државниот здравствен и санитарен инспекторат, надзор изврши и стручна комисија формирана на барање на министерот Меџити, но од Здравство информираат дека извештајот се уште не е доставен до нив. Нема одговор ниту од ДСЗИ во кој рок треба да постапи ГАК по нивното решение за утврдување одговорност на здравствените работници кои не обезбедиле психијатар за родилката иако во два наврати биле побарани конзилијарни прегледи.