Владата ќе ја преиспита одлуката за спојување на концесиите за рудникот Иловица-Штука

Одлуката за спојување на двете концесии за рудникот кај струмичкото село Иловица на маса повторно го врати спорното прашање за кое екологистите и локалното население во струмичкото село водеа неколкугодишни битки со државата, пренесе 360 степени.

Владата ќе ја преиспита одлуката за спојување на двете концесии за рудникот Иловица-Штука, најавува министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчовска на денот на протестот против отворање на рудникот.

Таа вели дека и ќе побараат дополнитени информации од надлежното министерство.

„Ставот на СДСМ по однос на отворањето на рудникот во Иловица е ист со ставот на граѓаните од струмичкиот регион. Владата предводена од СДСМ и надлежните институции нема да дозволат отварање на рудник во Иловица, без консултација и одобрение од граѓаните, од локалното население, без запазување на целата постапка и без исполнување на сите стандарди за животна средина согласно постојното законодавство, усогласено со европското“, кажа министерката.

Инаку, Тренчевска се појави и на протестот заедно со министерката за животна средина Каја Шукова.

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) повикувајќи се на изјави на две министерки (Каја Шукова и Славјанка Петровска), денеска објави дека одлуката за спојување на концесиите дошла како дополнителна точка на владина седница, на предлог на министерот за економија Крешник Бектеши.

Министрите немале никакви прашања и сите гласале „за“, затоа што Министерството за економија на владина седница презентирало документ којшто тврди дека Управниот суд барал од Владата да ги спои концесиите.

Овие нагли промени во владиниот став доаѓаат откако фамилијата Дестани, блиска до ДУИ и лидерот Али Ахмети, купува удели во компанијата „Еуромакс ресоурцес“, објави ИРЛ. Сепак, министерките се на став дека треба да се ревидира одлуката за спојување на концесиите.

Партиски препукувања на релација СДСМ – ВМРО-ДПМНЕ за тоа кој е виновен за рудникот. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека прашањето за рудниците во Струмичко не е ништо повеќе од, како што рече, обична владина бизнис-зделка, пред сѐ на ДУИ. За него е лицемерно што министерка во Владата, алудирајќи на Каја Шукова, присуствуваше на протестот против рудникот во Иловица.

Од СДСМ пак, во писмена реакција на ставовите на Мицкоски велат дека за проблемот зборуваат тие што го создале.

„Проблемот со Иловица го создаде токму неговата ДПМНЕ, неговиот Никола Груевски на кого му беше советник. Во 2012 и 2013 година се започнати сите постапки за Иловица и доделени првите концеции. Постапката за отворање на рудник во Иловица и склучувањето на договорот за концесија од страна на Владата на Никола Груевски и ДПМНЕ, во време кога Мицкоски беше негов советник. И денеска Мицкоски ли ќе зборува за Иловица?“, велат од СДСМ.

Одлуката за спојување на двете концесии за рудникот кај струмичкото село Иловица на маса повторно го врати спорното прашање за кое екологистите и локалното население во струмичкото село водеа неколкугодишни битки со државата.

Прашањето за отворање рудник во оваа област се отвори пред неколку години, кога тогашната влада донесе одлука за експлоатација на минерали во овој регион, но со текот на годините локалното население, но и екологисти од земјава во неколку наврати излегоа на протести против отворање на ваков рудник велејќи дека на овој начин ќе се уништи еколошката рамнотежа во регионот.

Инаку, според проценките на експерти, во Иловица се наоѓаат 69,5 тони злато и 411 илјади тони бакар.