Реформите во судството, заштитата на основните човекови права, слободата на медиумите, како и борбата против корупцијата и организираниот криминал – тоа биле темите на разговор на денешната средба на министерот за правда Никола Тупанчески со шефот на делегацијата на ЕУ во земјава – Дејвид Гир.
Како што соопштија од Министерството за правда, Тупанчески ги презентирал следните чекори и приоритети на ова Министерство во однос на владеењето на правото, почнувајќи со функционален преглед на правосудниот сектор, зајакнувањето на капацитетите на правосудниот систем, борбата против организираниот криминал и корупцијата, најавувајќи подготовка на нова Стратегија за реформа во правосудниот систем 2023-2027.
„Свесни сме дека новата методологија дополнително ја нагласува важноста на реформите на владеењето на правото за процесот на пристапување и подготвени сме да продолжиме со важни чекори на тој пат“ – рече Тупанчески.
Гир, пак, го потврдил напредокот во Извештајот на Европската Комисија за земјава и потенцирал дека сме на добар пат во постигнување на целта за градење на професионално и независно судство.