Ковачевски: Кој не ги платил сметките за струја, ќе мора да ги плати!

Премиерот Димитар Ковачевски денеска при посетата на Свети Николе пред медиумите рече дека нема потреба државата со своите институции да интервенира во липковското село Слупчане каде што постојано има инциденти со ЕВН и освен тоа што се краде енормно количество на електрична струја, не се плаќаат ниту сметките за струја.

– Не се работи за интервенција на државните институции, туку за работењето на приватна компанија. ЕВН е приватна компанија која е странска директна инвестиција и која има обврска да испорачува електрична енергија до секое домаќинство во државата како универзален снабдувач. Со оглед на тоа дека во посоченото место имаше проблем со наплатата и со диво приклучување во мрежата, компанијата заедно со надлежното Министерство за економија имаа разговори со градоначалникот на Општина Липково. Според кажувањата на компанијата, градоначалникот и на самите жители, тој проблем е надминат, рече премиерот.

Според Ковачевски, планот е екипите на ЕВН наскоро да влезат и да направат комплетен увид на тоа кој бил приклучен на диво и тој да биде исклучен. Ковачевски дополни дека „кој не ги платил сметките, ќе мора да ги плати“.