Во фокусот на посетата е целосно нормализирање на односите меѓу Србија и Црна Гора

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ изјави дека во фокусот на неговата посета на Србија на 9 и 10 јули ќе биде целосно нормализирање на односите меѓу двете земји.

Милатовиќ рече дека најважен сегмент од посетата ќе биде обновувањето на дипломатските односи на ниво на амбасадори, бидејќи Србија нема амбасадор во Подгорица, ниту Црна Гора во Белград.

Милатовиќ рече дека ќе го покани претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да ја посети Црна Гора и додаде дека е убеден оти српскиот претседател ќе ја прифати поканата.

Акцентот ќе биде ставен и на други теми, економската соработка, заедничките инфраструктурни проекти, заедничкиот пат кон Европската унија, но предуслов е темата за амбасадорите“, посочи Милатовиќ.

Во рамки на посетата, претседателот на Црна Гора ќе положи венец на Споменикот на непознатиот херој во Авала.

„На овој начин ќе и оддадам почит на заедничката историска борба на Србија и Црна Гора. Граѓаните на Србија и помогнаа на Црна Гора, па така ќе ја заокружиме посетата“, изјави Милатовиќ во интервју за Радиотелевизија на Црна Гора.

Милатовиќ во Белград ќе се сретне и со претседателот на Народното собрание на Србија, Владимир Орлиќ, а најавено е дека ќе положи цвеќе пред ОУ „Владислав Рибникар“.