Драги Рашковски заврши во куќен притвор

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски заврши во куќен притвор.

Судечкиот совет реши да му изрече поблага мерка од таа што ја бараше обвинителката Ивана Трајчева – мерка ефективен притвор, откако поранешниот генсек неправосилно беше осуден на осум години затвор.

Поранешниот генсек доби и забрана да комуницира со другите обвинети и да користи средства за комуникација независно чија сопственост се.

Притворот следува откако обвинителката Ивана Трајчева побара ваква мерка и за професорот од ФИНКИ Ивица Димитровски, сопственикот на „Инвока груп“, Даниел Станчев и Игор Христов од фирмата ГБТ Системи, кои исто така неправосилно беа осудени на затворски казни. Меѓутоа, за нив судот го одби барањето и ги продолжи поблагите мерки на претпазливост.

Меѓу причините кои Трајчева претходно ги наведе зошто бара притвор за Рашковски е што има разлика во вредноста на имотот што тој го дал како гаранција пред Апелација за укинување на мерката притвор. Истиот имот, според Трајчева, не бил толкава вредност бидејќи според известување од Општината Струмица тој бил вреден 50 000 евра односно три пати помалку.

Втора околност, наведе Трајчева, е што сестрата на Рашковски живее во Словенија и досега му префрлила 35 000 евра поради што обвинителството смета дека таа може да му обезбеди престој во странство.

Понатаму, обвинителката наведе дека е неспорно оти Рашковски поседува голема количина на пари во готовина. Исто така, наведе дека претходно Рашковски кога бил во домашен притвор не ги почитувал мерките за забрана за комуникација и контактирал со Игор Христов, еден од обвинетите.

Одбраната на Рашковски, пак, реагираше дека нема потреба од притвор.

Според одбраната, самата казна и определувањето на висината на казната не е нешто што како можност не постоела и досега бидејќи кривичните дела кои му се ставаат на товар веќе му биле познати на обвинетиот