Реал Мадрид купи 18-годишен турски играч од средниот ред

Младиот 18-годишниот турски фудбалер Арда Ѓулер е нов член на Реал Мадрид, објави шпанскиот фудбалски гигант. Младиот играч за врска пристигнува во Реал од Фенербахче, а потпиша договор на шест години.

Турскиот клуб објави дека обештетувањето за 18-годишниот играч за врска изнесува 20 милиони евра, со дополнителни 10 милиони во зависност од учинокот на играчот, а 20 отсто од можниот иден трансфер ќе добие и Фенербахче.

„Тешко е да се каже збогум, но морав да ја донесам оваа одлука за да ги направам погорди оние кои веруваат во мене, да им дадам надеж на сите што се пред откажувања и да докажам дека турската младина може да постигне сѐ што сака“, рече младиот фудбалер.

„Никогаш нема да го заборавам моментот кога првпат го облеков дресот за кој сонував“, додаде тој и им се заблагодари на навивачите на Фенер за поддршката.

Ѓулер порасна во Генчлербирлиги, а во Фенер пристигна во 2019 година на 14-годишна возраст. За првиот тим дебитираше две години подоцна, а оттогаш забележа 35 настапи и постигна шест гола.

За турската А репрезентација дебитираше во ноември минатата година на пријателскиот натпревар против Чешка на 17 години, а во јуни оваа година го постигна својот прв гол против Велс, со што стана најмладиот стрелец во историјата на турската репрезентација на 18 години и 114 дена.

„Нашиот клуб во својот тим го интегрираше еден од најперспективните млади играчи во светот“, велат од Реал Мадидр.

Ѓулер е петтиот играч кој пристигна во Реал во овој преоден рок по напаѓачот Хоселу, англискиот играч за врска Џуд Белингем, дефанзивецот Фран Гарсија и повратникот Брахим Дијаз.