Максим Димитриевски одржа прес-конференција пред СВР Куманово, бил повикан во полициска станица

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска одржа прес-конференција пред СВР Куманово на која се пожали дека некој наводно анонимно го пријавува, па потоа го повикуваат во полициска станица.

Тој информираше дека по анонимна пријава бил повикан на разговор во СВР Куманово за наводен предмет за исплати и недоместоци на лица вработени во општината.

„Сакам да ве информирам дека денеска со покана бев повикан во СВР Куманово на разговор во врска со предмет за исплати и надоместоци на лица вработени во општина Куманово.

СВР Куманово постапува по анонимна пријава, во континуитет се случува истиот притисок на работењето на општина Куманово и на мене како градоначалник. Целта е јасна да бидам дефокусиран од моите секојдневни активности.

Според наводите во пријавата, иако покрај тоа што од страна на вработените во Општина Куманово е постапувано согласно законот, плати се исплаќаат со децении во општината и методологијата на пресметка е иста. Општината има потпишано и колективен договор за своите вработени, но, сепак дадов свој исказ. Дополнително, по барање на лицата коишто ја водат постапката ќе добијат дополнителни информации“, рече Димитриевски пред медиумите.

Според Димитриевски, ова е класичен пример на злоупотреба од страна на поединци коишто менаџираат со овој ресор во партиско политички цели на институциите.

„Видете, се случува еден преседан, секојдневно се пишуваат анонимни кривични пријави до МВР, од МВР завршуваат во Основно јавно обвинителство, се добиваат насоки за постапување, се отвораат предмети кои на крајот резултираат со ништо и се трошат ресурси, ние ги плаќаме сите тие лица коишто се ангажирани на тие активности, а во меѓувреме државата тоне во корупција. И тоа го потврдуваат сите релевантни амбасади во државата“, вели тој.

Димитриевски го повика обвинителството да ги открие кои се лицата што ги пишуваат ваквите анонимни пријави.