Федерер со поддршка за Ѓоковиќ: Желба ми е со пехарот да се закити Новак

Роџер Федерер беше специјален гостин на Вимблдон во последните два дена, а швајцарскиот тениски великан изненади многумина со изјавата дека негова желба е со пехарот на овој турнир да се закити Новак Ѓоковиќ, пренесе Екипа.

Со години медиумите пишуваа за несогласувањата меѓу двајцата тениски великани, но Федерер јасно стави до знаење дека многу го почитува долгогодишниот ривал.

„Новак е голем, голем фаворит и искрено се надевам дека ќе го освои Вимблдон. Јас имав свои моменти, петте титули во низа или оној осми трофеј… ако некој тоа го израмни или престигне, тоа е добро за тенисот како спорт. Ѓоковиќ испишува нови страници во тениската историја, оди над сите, кога ја освои 23. титула на гранслем турнирите, тоа беше нешто неверојатно. Игра одлично и за мене ќе биде изненадување ако тој не го крене пехарот“, изјави Федерер.

Швајцарскиот великан го прокоментира и настапот на Карлос Алкараз, кој ја има улогата на прв носител на Вимблдон.

„Мислам дека Алкараз ќе оствари неверојатни работи во иднина, ќе освои многу гранслем турнири. Ќе ми биде интересно да го гледам на овие први мечеви на Вимблдон, лизгаво е, се игра помеко, морате да го имате тој додатен чекор. Почнувате да губите доверба во сопственото движење и потоа влегувате во серија грешки, тоа е нешто што им се случува на сите. Сепак, Карлос е одличен тенисер, ги има сите оружја за да победува и убеден сум дека ќе има успешна кариера“, прокоментира Роџер Федерер.