Почина поранешниот претседател на Србија, Милан Милутиновиќ

На 81-годишна возраст почина поранешниот претседател на Србија, Милан Милутиновиќ.

Веста за неговата смрт ја објави шефот на срската дипломатија и претседател на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, на својот инстаграм-профил.

Милутиновиќ беше претседател на Србија од декември 1997 година до декември 2002 година.

Покрај оваа функција, тој беше секретар за образование и наука на Србија, амбасадор на Југославија во Грција од 1989 до 1995 година и министер за надворешни работи на Сојузна Република Југославија од 1995 до 1997 година.

По завршувањето на претседателскиот мандат во декември 2002 година, Милутиновиќ се предаде на Хашкиот трибунал, каде што беше обвинет за воени злосторства извршени на Косово. На 26 февруари 2009 година, беше ослободен и прогласен за невин по сите обвиненија.

Роден е во Белград во 1942 година. Таму завршил основно училиште и гимназија, а дипломирал во 1965 година на Правниот факултет во Белград.