„Ова се податоци и информации кои што даваат можност да се отвори постапка за проверка, пред се финансиските текови. Јавното обвинителство ќе може да отвори истрага и врз основа на тоа да задолжи надлежни институции за спроведување на законот и да се проверат сите овие факти и аргументи“ рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, кој за нула евра со добивање кредитна линија од банка од Тирана, доби 39% сопственост врз објектот „Соравија“ во центарот на Скопје.
Спасовски беше запрашан дали ќе има некаква одговорност, на што одговори дека „за се што произлегува, а е спротивно на законските одредбди, секако ќе мора да има одговорност“.
– Мораме да бидеме сите еднакви и да нема селективност во делот на спроведувањето на правдата. Во однос на морална одговорност, тоа е работа на премиерот кој што оценува на кој што начин ќе се спроведат ваквите активности – кажа Спасовски.