Одложен генералниот штрајк на вработените во УЈП, ќе се бара нов помирувач
Синдикатот на вработените во Управата за јавни приходи соопшти дека го одложуваат генералниот штрајк закажан за денес. Одлуката да се одложи штрајкот како што велат од Синдикатот на вработените во УЈП, е поради одложувањето на процесот на помирување.
Назначениот помирувач Лазар Јовевски вчера побарал иземање затоа што бил во странство и не можел да се врати за три дена, односно во рокот во кој треба да преговара со Министерството за финансии.
„Помирувачот се иззема. Бил во странство, а рокот за да постапи му е три дена. Во тој период не можел да се врати. Утре ние треба да предложиме некого, да пуштиме писмо до Министерството за труд и социјална политика“, изјавија од Синдикатот на УЈП.
Вработените во УЈП веќе три недели протестираат со барање да се почитува колективниот договор и да им се зголемат платите за 30 отсто исто како што тоа беше направено со вработените во Министерството за финансии.
Вицепремиертот Фатмир Битиќи смета дека барањата на УЈП за повисока плата не се целосно во согласност со законите и најавува дека општиот Колективен договор со новата методологија, кој ќе се презентира во четврток на Економско социјалниот совет е дел од решението.
Од Синдикатот на УЈП стојат цврство на ставот дека го бараат тоа што им следува согласно постоечкиот Колективен договор кој е на сила.
Вработените во УЈП и денес ќе протестираат во периодот од 10 до 12 часот, како што тоа го прават секој ден.