Премиерот Димитар Ковачевски тврди дека ако тој бил ставен на црната листа на САД, не само што ќе дал оставка, туку ќе го сметал и за најголем пораз. Оваа изјава доаѓа откако беше прашан дали струшкиот градоначалник Рамиз Мерко треба да се повлече од функцијата која ја извршува.
„Јас да се најдам на листата на САД, не само што ќе дадам оставка, јас тоа ќе го сметам за најголем пораз во мојата лична и професионална кариера“, рече Ковачевски.
Ја повика Општина Струга да соработува со органите кои го испитуваат работењето на Мерко.
„Јас сум единствен кој одговара на ова прашање. Можеби и на други места треба да прашате за мислења. Јас го прочитав соопштението на Стејт департментот. Тоа потврдува дека САД се стратешки партнер. Самото соопштение во себе содржи основи за ставање на црна листа на градоначалникот на Струга, кои се многу сериозни. Несфатливо е како САД кои се на оддалеченост од 8.000 километри од овде да имаат информации што се случувало во нашата држава, а нашите институции, од истражите и правосудните органи тие информации да ги немаат. Општина Струга треба да биде отворена за споделување на сите информации до надлежните органи и тие да бидат ефикасни“, додаде Ковачевски.
Посочи дека и советниците во Струга треба да размислат како ќе постапат.
„Избран функционер сам треба добро да размисли, заедно со сите советници, бидејќи Мерко во својата кариера бил дел од ВМРО-ДПМНЕ. Сите советнички групи треба да се погледнат што ќе прават во иднина со градоначалникот бидејќи се избрани да ги унапредуваат правата на граѓаните“, кажа Ковачевски.
Мерко од пред три дена е на црната листа на САД, кои тврдат дека имаат докази дека е вмешан во корупција, влијаел во судски предмети, присвојувал средства.