Без смирување на ситуацијата на северот на Косово, нема простор за продолжување на процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина, смета високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
„Не можеме да постигнеме напредок во нормализирање на односите додека се справуваме со кризниот менаџмент. ЕУ и САД инвестираа многу во нормализацијата и сакаме да видиме како ќе напредува“, се вели во писмото што Борел му го испратил на косовскиот премиер Албин Курти, а кое на Твитер го објави портпаролот на ЕУ, Питер Стано.
Писмото е одговор на планот од пет точки што премиерот на Косово на 13 јуни го испрати до земјите од Квинтата (САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија) и до Брисел.
Kosovo: After @JosepBorrellF received and read the highly publicised letter from Prime Minister Kurti, he answered, explaining 🇪🇺 expectations and steps needed for true de-escalation. Here is the response in full: pic.twitter.com/HDa2k66hMt
— Peter Stano (@ExtSpoxEU) June 14, 2023
Во тој допис, меѓу другото, Курти бара во наредните денови да се одржи рунда преговори на највисоко политичко ниво.
„Подготвен сум да свикам средба на високо ниво со претседателот Александар Вучиќ под услов да сте подготвени да ги преземете неопходните чекори за прво да се деескалира ситуацијата и да се отвори патот за нови локални избори. Доколку сте подготвени да ги преземете потребните чекори, средбата може брзо да се организира“, пишува во писмото од Борел.
Тој бара од шефот на косовската влада да преземе поодлучни чекори за смирување на ситуацијата, во согласност со мерките што ги бараат земјите-членки на ЕУ и американските партнери.
„Само по воспоставувањето на мирот и стабилноста на северот на Косово, можеме да се фокусираме на нормализација преку целосна имплементација на договорот за Анексот за нормализација и имплементација на двете страни“, нагласува Борел.
Тој додава дека работата на формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово треба да започне „без натамошно одлагање“.
Во својот одговор до Курти, Борел ги повтори барањата на Европската Унија и САД за неопходните чекори за смирување на ситуацијата.
Меѓу другото, ЕУ бара од официјална Приштина итно прекинување на полициските операции околу општинските објекти на север, алтернативна локација каде привремено би работеле новоизбраните градоначалници и распишување вонредни локални избори за четири општини на северот на Косово, на кои би учествувале и претставници на српската заедница.
На 13 јуни ЕУ предложи пакет мерки против Владата на Косово и премиерот Албин Курти како одговор на недостатокот на политичка волја да се преземат чекори за смирување на тензиите.