Беса нема да биде дел од евентуална широка влада, туку ќе биде дел од нова влада по изборите како победник во албанскиот политички блок.
Ова е ставот на претседателот на Беса, Билал Касами, даден за порталот на албански јазик „Журнал“.
„Не. Движењето Беса ќе влезе во Владата дури по следните парламентарни избори како победник на тие избори во албанскиот политички блок“ – вели Касами.
Прашањето за формирање широка влада се актуализираше по последната лидерска средба меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Откако Ковачевски понуди во замена за поддршка на уставните измени да се формира широка влада и социјалдемократите да отстапат пет од своите 10 места во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски меѓу еден од условите кои ги постави беше ДУИ да не биде дел од тој владин состав, но и одложено дејство на уставните измени – да стапат на сила денот кога земјава ќе влезе во ЕУ.