Маричиќ: Вечерва ќе ги додефинираме следните чекори со конкретни идеи

На Централниот и Извршниот одбор на СДСМ вечерва ќе ги додефинираме наредните чекори со конкретни идеи околу работните групи со опозицијата и во брзо време ќе ги интензивираме активностите.

Ние имаме комуникации постојано, меѓутоа официјално ќе се обратиме до опозицијата за да го отвориме овој дијалог, изјави во интервју за МИА вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, прашан дали се разговара со опозицијата за формирање работни групи со цел да се постигне договор околу уставните измени.

-Ние попладнево имаме и Извршен одбор и Централен одбор, ќе ги додефинираме овие наредни чекори и ќе настапиме брзо во една интензивна акција во комуникација со опозицијата да седнеме и да не губиме време, да го искористиме овој позитивен момент и позитивна енергија која произлезе од лидерската средба и растоварени од претходните ставови, дециден е Маричиќ.

За Маричиќ е важно што опозицијата се поместила, како што вели, од мртва точка и на некој начин го променила оној досегашен цврст став дека по ниедна цена нема да има уставни измени.

-Добро е што ја увидоа, ја согледаа потребата од консензус и од, да речам, една позиција во која што нема самите себе да се блокираме како држава и сега останува таа добра волја да ја покажат и на дело. Од Владата имаат подадена рака, премиерот и на лице место даде конкретна понуда за редоследот на чекорите, рече Маричиќ.

Вели дека опозицијата не ја отфрлила оваа идеја и дала само некои дополнителни услови и според него за тоа вреди да се седне и да се разговара.