„Инклузијата во образованието е клучна за децата со попреченост и токму на тој начин се придонесува за нивно полесно прифаќање од средината“. Оваа порака денеска ја испрати министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска која заедно министерот за образование и наука, Јетон Шаќири се сретнаа со родителите на Ембла А. од Гостивар, случајот кој во јавноста побуди голем интерес и реакции.
На средбата присуствуваа и директорите на Центарот за социјална работа, Гостивар и на училиштето каде што Ембла посетува настава.
„Стереотипите и предрасудите треба да се надминат. Едно општество за сите е концепт зад кој цврсто застанавме и тој не треба да биде само флоскула, туку сите заедно да го преточиме во реалност. Со инклузијата им даваме шанса на децата со попреченост во иднина тие да можат да придонесуваат во општеството“ – рече Тренчевска.
Таа информираше дека Министерството сериозно вложува во инклузивноста на градинките, како за обезбедување на пристапноста, така и во зајакнување на кадарот за работа со децата со попреченост.
Инлузијата им помага и на другите деца да развијат, емпатија, толеранција и прифаќање на различностите.
Министерот Шаќири нагласи дека проблемот е надминат и Ембла од утре ќе продолжи со редовната настава во нејзиното одделение.