Дединец: Ќе го затвориме РЕК Битола кога ќе направиме доволно капацитети кои можат да го заменат производството

„Ако се реализира стратегијата за енергетика, ќе се дојде до енергетска независност, иако не може да кажеме дека ќе сме 100% енергетски независни. Сега енергетската зависност е 65-70%, се планира увозната зависност на земјава да се намали до 50-55%. Ние увезуваме и природен гас и нафтени деривати. Треба да се имплементираат новите технологии“ вели проф. д-р Александар Дединец, енергетски фронтмен во МАНУ, во најновото издание на Трилинг.

На прашање дали во услови на фотоволтаична треска може да се супституира неизвесноста од увозот на струја, Дединец вели дека „да, со фотоволтаиците може да се намали увозната зависност во летниот период, но сега со новите технологии и во зимскиот период“.

„Како држава сме среќни што имаме доста хидроелектроцентрали со акумулации, можеме да ја чуваме водата за кога ќе ни биде потребно. МЕПСО направи пресметка, околу 1300-1500 мегавати да влезат во системот без инвестирања, но ако сакаме да ја намалиме увозната зависност мора да го изградиме Чебрен, да ставиме батерии, да го контролираме системот“ вели Дединец.

„Приказната со Чебрен е малку подолга, овде проблем беше со исплатливоста на овој проект, затоа и беше стагнација во објавување на нови повици, затоа што цената на берзите беше 40-50 евра по мегават чат – цена по која Чебрен е неисплатлив. Но новите состојби го прават овој проект повторно атрактивен, цените на енергијата се зголемија, Чебрен повторно е во игра“ смета проф. Дединец.

За изградбата на гасоводите, тој вели „ќе ни помогне во изградба на капацитети за производство на енергија од природен гас, кога нема доволно производство од соларни и ветерни електроцентрали. Паралелно треба да се работи на сите полиња, не само на обновливите извори“.

На прашање дали може да има реприза на енергетската криза, Дединец со став „имаме хроничен проблем, тоа е да учиме од нашите грешки. Ако не сме инвестирале 30 години, има неколку причини, пред се политичките елити не можат да се усогласат дали треба да се инвестира или не“.

На прашање дали треба да се стави клуч на РЕК Битола, Дединец вели „не е едноставно, ќе го затвориме РЕК Битола кога ќе направиме доволно капацитети кои можат да го заменат производството“.