Милевски со главоболки пред дуелите со Украина и Англија: Се надевам дека сите повикани ќе се стават во функција на тимот

Пред пресметките со Украина во Скопје на 16 јуни и Англија на гости на 19 јуни во евроквалификациите, македонскиот селектор Благоја Милевски има многу проблеми. Селекторот денеска на прес-конференција рече дека нема да може да смета на Бојан Миовски и Дарко Чурлинов, а голем дел од избраниците не се во најдобра натпреварувачка форма.

„Останавме без две опции за напад, ама не кукаме и ќе пробаме да извлечеме максимум со тие што ги имаме. Сите што ќе се способни и здрави, за мене, тие се најдобрите во моментот. Се надевам дека сите повикани ќе се подготвени за да се стават во функција на тимот. Да зборуваме за натпреварувачката форма е неблагодарно и таква форма да се бара од нив. Јас ги погазувам принципите кои ги воведов, дека ќе бидат повикани тие што играат и се во најдобра форма, но во моментов ако се водам по тоа – 70 отсто од играчите не би биле викнати. Ама, ние немаме обемен ростер од фудбалери кои се на едно високо ниво. И затоа, што е тука е, не се жалиме, скоро две години само еднаш сме биле комплетни и тоа со Португалија. Јас само се надевам дека ќе бидат сите здрави и способни да се стават во функција на тимот“ – вели Милевски.

Сефер Емини од дански Сондерјиске ќе дебитира на овие дуели.

„Емини со игрите и постојаните настапи заслужи да биде дел од А-тимот, сите други се истите од март. Во моментов сконцентрирани сме исклучиво на мечот со Украина. Сѐ друго е на страна. Јас знам дека сите што играле за Македонија од овие фудбалери, секогаш давале и повеќе од максимум и формата била во втор план, па затоа верувам дека и сега без оглед кој во каква натпреварувачка форма е – ќе даде и повеќе од што може“ – рече Милевски.