Одлуката на САД да го прекине учеството на Косово во воената вежба „Бранител Европа 23“, за косовскиот премиер Албин Курти е неправедна и претставува катастрофа.
Но, сепак, нагласува дека САД за него се незаменлив пријател.
Станува збор за мерки кои САД решија да ги преземат против косовските власти поради ескалацијата на тензиите на северот на земјата во општините со мнозинско српско население.
Курти се наоѓа во Братислава каде се одржува Глобалниот безбедносен форум на Глобсек 2023.
Оттаму, пораки за деескалација на ситуацијата стигнаа и од европските претставници.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој исто така учествува на форумот во Братислава, рече дека косовските власти се одговорни за немирите кои значително се зголемија на северот на Косово бидејќи новите албански градоначалници ги преземаа функциите во општините со српско мнозинство.
Неговиот став е во согласност со ставовите на останатите земји од Квината каде покрај Франција, тука се и САД, Германија, Велика Британија, Италија.
Порака испрати и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел кој во Братислава имаше средба со Курти и побара итно решенавање на состојбата.
„Сегашната состојба е опасна и неодржлива. Потребна ни е итна деескалација и решение преку дијалог, како и да се вратиме на работа на имплементација на постигнатиот договор“, објави Борел на твитер.
Курти во Братислава денеска се сретна и со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, кој порача дека ситуацијата мора и може да се реши само преку дијалог.
Лајчак утре ќе отпатува и во Кишињев (Молдавија) каде ќе се одржи Вториот самит на Европската политичка заедница. Тој ќе патува таму само за да се сретне со Вучиќ чие учество е најавено на утрешниот самит. Таму, српскиот претседател ќе се сретне и со Борел.
РСЕ пишува дека оттаму, специјалниот претставник ќе ги посети и Белград и Приштина.